Според податоците на МОН, добиени од раководствата на училиштата на 2 септември, меѓу учениците, само 0,01 процент се активни случаи на Ковид-19. Ист е процентот и кај наставниот кадар.
– Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички персонал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите, информираат од МОН.
Од министерството потенцираат дека брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита.
– Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите, нагласуваат од МОН.
Од Министерството за образование и наука апелираат на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи минатогодишното искуство покажало дека со практикување на мерките, училиштата не се трансмитери на заразата. Секако, велат од МОН; неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти.
– Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство која нема подобра алтернатива, истакнуваат од министерството.
Во учебната 2021-2022 година, настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257 илјади ученици.