Струга не успеа да го помине првото квалификациско коло во Лигата на шампионите, откако на жештината на „Билјанини Извори“ во Охрид, прокоцка водство до 1:0 за само седум минути и загуби со 1:2 од литванскиот шампион Жалгирис.
По одличните 0:0 од првиот меч во Литванија, Струга имаше добри шанси да обезбеди второ коло и дуел со турскиот гигант Галатасарај, но на крајот ќе мора да се задоволи со квалификации во Конференциската лига против црногорскиот Будуќност.
Во првото полувреме, за издвојување беа шансите на Ибраими и Радески, но во финишот, литванскиот клуб играше подобро и пропушти неколу изгледни шанси. Темпото на игра беше слабо поради високите температури, а Ибраими во средината на второто полувреме имаше совршена шанса за гол, но шутираше високо.
Во 76. минута, македонскиот шампион дојде во водство со гол од пенал на Бесарт Ибраими по играње со рака во шестнасетникот. Но, наместо тогаш да го сочуваат водство, играта на тимот на Шпетим Дуро се „распадна“ – само две минути подоцна Белорусинот Јури Кендиш израмни на 1:1, за во 84. минута од мечот по една опасна ситуација во шестнаесетникот, Сава Радиќ ја смести топката во сопствената мрежа.