Само еден од четворица Американци ги одобрува американските напади во кои беше убиен лидерот на Иран, додека околу половина – меѓу нив и секој четврти републиканец – сметаат дека претседателот Доналд Трамп е премногу подготвен да користи воена сила, покажува анкетата на Ројтерс/Ипсос објавена во неделата.
Околу 27% од испитаниците рекле дека ги поддржуваат нападите, 43% се изјасниле против, а 29% не биле сигурни. Околу девет од десет испитаници изјавиле дека барем нешто слушнале за нападите, кои започнаа рано во саботата.
Половина од Американците сметаат дека Трамп пречесто користи воена сила
Анкетата покажала дека 56% од Американците мислат дека Трамп, кој во последните месеци нареди напади и во Венецуела, Сирија и Нигерија, е премногу подготвен да користи воена сила за да ги унапреди интересите на САД. Овој став го делат 87% од демократите, 23% од републиканците и 60% од граѓаните кои не се изјаснуваат за ниту една партија.
Анкетата била спроведена за време на нападите на САД и Израел врз Иран и завршила пред американската војска да ги објави првите американски жртви во операцијата. Три американски војници биле убиени, а петмина сериозно повредени, по нападите што го турнаа Блискиот Исток во нов, непредвидлив конфликт.
Загриженост за безбедноста на војниците
Иако 55% од републиканците рекле дека ги поддржуваат нападите, 42% од нив изјавиле дека би ја намалиле поддршката ако кампањата доведе до тоа американски војници да бидат убиени или ранети на Блискиот Исток.
Рејтингот на Трамп како претседател паднал на 39%, што е за еден процентен поен помалку од претходната анкета на Ројтерс/Ипсос спроведена од 18 до 23 февруари.
Изборите и економијата во фокус
Нападите врз Иран започнале три дена пред првите внатрепартиски избори за американските конгресни избори, кои ќе одлучат дали републиканците на Трамп ќе ги задржат мнозинствата во Конгресот во следните две години. Анкетите на Ројтерс/Ипсос постојано покажуваат дека најголемата грижа на гласачите пред изборите е економијата, далеку повеќе од надворешната политика.
Страв од раст на цените на горивото
Околу 45% од испитаниците рекле дека би биле помалку подготвени да ја поддржат кампањата против Иран ако се зголемат цените на бензинот или нафтата во САД. Тоа мислење го делат 34% од републиканците и 44% од независните гласачи.
Цената на нафтата „брент“ пораснала за 10% на околу 80 долари за барел во неделата, а аналитичари предупредуваат дека може да достигне и 100 долари поради новиот конфликт.
Како е спроведена анкетата
Последната анкета на Ројтерс/Ипсос била спроведена онлајн со учество на 1.282 возрасни лица од САД, со можност за грешка од три процентни поени.
