Тетовци овој и минатиот месец дишеле екстремно загаден воздух, со концентрација на ПМ-честички и за неколку пати поголема од дозволените граници. Деновиве воздухот се расчисти, ветерот и врнежите ги спасија граѓаните, но за кратко – аерозагадувањето викендов пак го надминува прагот.
До 30 % е зголемен бројот на луѓе кои бараат лекарска помош. Се жалат на кашлица, отежнато дишење, токму поради загадениот воздух, вели доктор Исмаили.
„Периодов имаше поголем број на пациенти кои ги посетуваа амбулантите ,а кои се жалеа на кашлица, бидејќи во самиот воздух имаше многу ПМ десет честички и други елементи кои го загадуваат воздухот и тоа е нормално, оти ние преку респираторниот систем ги дишиме тие материи. Имаме и сезонски грип и сето тоа кога ќе се комбинира со самата загаденост на воздухот, нормално дека расте број на пациенти кои ги посетуваат амбулантите. Сетоа тоа многу влијае врз здравјето на пациентите, особено кон ранливите групи, децата и тие кои што се над 60 години, кај кои нормално здравјето е покревко, но не значи дека и другото население не страда“, рече Беким Исмаили лекар по општа медицина.
При големо аерозагадување, докторот советува тетовци да не излегуваат од дома, но од друга страна, да поминуваат и дел од времето на чист воздух, бидејќи планината им е на дофат.
„Излетничките места како тетовското Бањиче и Кале ни се на дофат, така што при висока концетрација на штетните честички, препорачливо е да одиме на планина и да ги наполниме белите дробови со кислород“, додава доктор Исмаили.
Од општината додаваат дека е донесен план за подобрување на квалитетот на воздухот во Општина Тетово со краткорочни и долгорочни мерки, кои тековно се спроведуваат.
„Се повикуваат сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на издувни гасови.Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен иско, тој да биде затворен со церада.Јавно се известуваат правните лица кои вршат дотур на роба истото да го сторат по 18 часот во текот на денот, освен оние што снабдуваат со леб и непастеризирано млеко (краткотрајно млеко).Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Инспекторатот на Општина Тетово“, велат од Општина Тетово.
Но, најважните мерки кои можат да го ублажат ааерозагадувањето, засега не се спроведуваат. Насекаде и натаму се градат огромни згради кои ја попречуваат циркулација на воздухот, продолжува сообраќајниот хаос, а хигиената е на многу ниско ниво.