Овој тунел е предвиден за премин за жителите од оваа зграда, на улицата Илинден во Тетово, но веќе не е така.
Истиот е претворен во продавница.
Општина Тетово одобрението го издала на 31 октомври, но по жалбите од жителите дека им е зафатена патеката по која минуваат, Општината на 12 декември го поништила решението, но патот не е ослободен!
„Овој човек ни дојде, два пати се случува ова, еднаш дојде, некој друг живееше, тој го спречи, го избрка. Сега повторно доаѓа, но тој ден беше празник, постави ѕид, ене преминот е таму, но тоа не е наш влез, немаме од каде да поминеме. Си направи дуќан. Сега од каде да поминуваме ние? Сите имаме исправни документи, нè лажат, всушност тој украл! Сер жалевме со адвокат, наше право е но тој си прави, како прави,не знам“, вели жителка..
Адвокатот Виктор Стојановски кој ги претставува жителите вели дека општината ја согледала направената грешка и го поништила решението кое издала пред неколку месеци.
Прашавме во Општината како е издадена дозволата и зошто по поништување на истата просторот не е ослободен и од страна на Општинскиот инспекторат? Од таму велат дека лицето кое го затворило овој простор сега се жали во второстепениот суд и дека процесот се уште е во тек.
„Во врска со барањето на жителите од зградата, Општина Тетово ја поништи одлуката со број 10-283. Во моментов предметот е во второстепен суд кој треба да одлучи за правосилноста на оваа одлука. Потоа ќе се преземат соодветни мерки согласно судската одлука“, велат од општината.
ТВ21 побара став од лицата кои се декларираа како сопственици, но не прифатија на зборуваат пред камера.
Во појаснување за ТВ21, еден од сопствениците ни рече дека ова место е во негова сопственост од 2019 и дека не е премин туку приватен имот-деловен објект.
Вели дека исто така сега за сега му е отфрлено барањето за соединување на двата локали, меѓутоа вели дека поседува имотен лист.
Додаде дека ќе се придржува до законските процедури и ќе бара оштета.