Властите во Сан Марино одлучија да го обноват вакцинацискиот туризам нудејќи им на странците трета доза од руската „Спутник лајт“ вакцина против коронавирус, изјави денеска Франко Кавали од локалниот Институт за социјално осигурување.
– Владата на Сан Марино донесе одлука да го обнови вакцинацискиот туризам. Тоа значи дека странците ќе можат да добијат засилувачка доза на Спутник лајт. Ќе обезбедиме информации како тоа може да се направи во наредните денови, истакна Кавали.
Според него, и покрај тоа што Спутник сè уште нема дозвола за употреба во Европската унија, дури 832 граѓани на Сан Марино, кој има нешто повеќе од 30.000 жители, решиле да примат Спутник лајт како трета доза од вакцина против Ковид-19.
– Одреден е уште еден термин за имунизација – 4 февруари, а примивме неколку стотици пријави, додаде Кавали.
Штом заврши националната кампања за вакцинација во Сан Марино, земјата почна да прима странски туристи кои сакале да платат за да се вакцинираат со руската вакцина.
Околу 2.000 луѓе од различни земји биле вакцинирани со Спутник В. Од 22 декември 2021 година, Сан Марино ја користи Спутник лајт како засилувачка вакцина.