Министерството за внатрешни работи вчера во засилена акциска контрола за санкционирање на возачите кои не ги пропуштаат пешаците на пешачки премин санкционираше 118 возачи, од кои 59 на територија на Скопје.

При акциската контрола, како што информираат од МВР, санкционирани се и 137 друг вид на сообраќајни прекршоци. Само на територија на Скопје се изречени и 17 санкции за пешаци кои не поминувале на пешачки премин.

Од МВР најавуваат дека и денеска и во наредните денови ќе продолжи со ваквите акциски контроли и апелираат до возачите секогаш да ги пропуштаат пешаците односно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

-Исто така, апелираме и до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да го минуваат коловозот на обележан пешачки премин затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано. Сите заеднички, со почитување на правилата, мора да придонесеме за побезбедни сообраќајници, порачуваат од МВР.