САД воведоа санкции за поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора Весна Меденица и за поранешниот градоначалник на Будва, Мило Божовиќ, со образложение дека се поврзани со корупција и шверц на дрога. Санкциите опфаќаат и забрана за влез во земјата.
Американскиот Стејт департмент порача дека мерките се воведени „во знак на посветеност за борба против нелегалната трговија со дрога, транснационалните криминални организации и корупцијата што ги загрозува интересите на националната безбедност на САД на Западен Балкан и пошироко“.
Мило Божовиќ, познат политичар од Будва и член на Демократскиот фронт, беше уапсен во 2023 година поради обвиненија за шверц на дрога и моментално му се суди.
Весна Меденица, која речиси две децении беше прв човек на судската власт во Црна Гора, првпат беше приведена во април 2022 година под сомнение за злоупотреба на функцијата и водење криминална група. Обвинителството тврдеше дека примала мито, откривала доверливи информации и влијаела врз судски одлуки во корист на шверцерска мрежа предводена од нејзиниот син.
Во ноември 2024 година, Високиот суд ја осуди Меденица на шест месеци затвор за злоупотреба на службената положба, но Апелациониот суд наложи повторување на постапката. Таа ги отфрла обвинувањата.
Во јавноста тогаш протекоа преписки од апликацијата Sky ECC меѓу нејзиниот син Милош и полицискиот службеник Дарко Лаловиќ. Во пораките се дискутирало за купување кокаин и шверц на цигари преку барското пристаниште, при што Милош тврдеше дека мајка му знае за нивниот бизнис и дека можат да сметаат на заштита од неа.
Меденица поднесе оставка како претседателка на Врховниот суд во декември 2021 година, откако нејзиниот трет мандат беше остро критикуван од Европската комисија и невладиниот сектор. Таа првпат беше избрана во 2007 година, а реизбор доби во 2014 и 2019 година. Претходно беше Врховна државна обвинителка.
Со денешната одлука, забрана за влез во САД добија и најблиските членови на нивните семејства – Драгана, Балша и Павле Божовиќ, како и Милош и Марија Меденица.