Самар Бадави и Насима ал-Садах сега не се во притвор, но нивните движења и активности остануваат строго ограничени. Тие не смеат да го напуштат ова ултраконзервативно кралство, да објавуваат постови на социјалните мрежи или да прифаќаат каква било работа.

Ал-Садах работеше како новинарка за интернет весникот „Јухаина“. Таа беше уапсена во 2018 година под обвинение, меѓу другото, за комуникација со групи во странство кои се непријателски настроени кон Саудиска Арабија.

Бадави, пак, го привлече вниманието кога го доведе во прашање машкиот систем на старателство со поднесување тужба против нејзиниот татко во 2010 година, што доведе до привремено апсење.

Таа подоцна ги тужеше сообраќајните власти за одбивање на барањето за возачка дозвола. Кога во 2018 година беше укината забраната за возење, безбедносните сили повторно ја уапсија.

Насима ал-Садах, лево и Самар Бадави

 

И покрај некои отстапки во општествениот живот, саудиската Влада продолжува изразито жестоко да ги прогонува активистите за човекови права.

Меѓу нив е и активистката за женски права Луџаин ал-Хатлул, која, исто така, се бореше за укинување на забраната за управување возила на жените. Таа беше ослободена во февруари годинава по илјада дена минати во притвор, но приврзаниците велат дека таа може повторно да биде уапсена за какво било дело што ќе се смета за незаконско.