Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески изрази жалење за оставката на обвинителката Ленче Ристоска, посочувајќи дека станува збор за лична одлука за која бил информиран по нејзиното поднесување.
Жалење за заминувањето на Ристоска
„Во принцип не сакам да коментирам лични одлуки, но сепак изразувам жалење за одлуката на колешката Ристоска. За ваквиот чин и од неа лично бев известен преку СМС порака по поднесување на оставката, а за причините за истата дознав од медиумите“, изјави Савески.
Тој нагласи дека институцијата останува без искусен обвинител од кого очекувал значаен придонес, особено во областа на меѓународната соработка.
Одлуките не се персонални
„Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда“, рече Савески.
Во однос на повлекувањето на овластувањата, тој истакна дека мерката нема личен карактер и не е насочена кон Ристоска.
Повик за зачувување на интегритетот
„Одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од моите претходници не е персонална и во никој случај не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска. Таа одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување“, изјави тој.
Савески упати апел до јавните обвинители да го зачуваат професионалниот интегритет, а до јавноста и општествените чинители да не се нарушува угледот на институцијата.
„Сите одлуки што ги носам се во насока да ја гарантирам независноста и самостојноста во работењето на Јавното обвинителство“, порача Савески.
Извор: Скопје1
