Континуитетот на предметите се обезбедува институционално
Државниот јавен обвинител Ненад Савески најави дека од утре ќе бидат повлечени сите дадени овластувања за постапување во обвинителствата, освен во Кочани, Крива Паланка и Ресен, каде поради недостиг на обвинители овластувањата ќе останат активни. Тој нагласи дека сите обвинители ќе се третираат еднакво, а предметот за „Кочани“ ќе добие посебен институционален третман заради својата комплексност.
На прашање за последните одлуки на Советот на јавни обвинители и за смените на обвинителите кои постапуваат по сензитивни предмети, Савески рече дека персоналното врзување обвинители со конкретни предмети е „погрешна пракса“. Тој нагласи дека континуитетот мора да се обезбеди преку институционален, а не личен капацитет.
„Јавниот обвинител е менлива категорија. Предметот мора да има континуитет независно од тоа дали обвинителот е реизбран или не,“ рече Савески, додавајќи дека секој обвинител мора да се соочи со предизвиците на работата, вклучително и со преземање веќе активни предмети.
Предметите не смеат да зависат од еден обвинител
Во однос на предметите што ги водеше обвинителката Ивана Трајчева, поврзани со трагедијата во Кочани, Савески нагласи дека не смее да се создава впечаток дека само еден обвинител може да обезбеди квалитетно постапување.
„Ивана е извонреден обвинител. Мојата почит кон нејзината работа е позната. Но обвинителството не смее да зависи од едно лице,“ рече тој.
Во врска со иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, која тврди дека врз нејзината професионална самостојност се вршат надворешни влијанија, Савески објасни дека се работи за законска можност, а не за политички притисоци.
„Интегритетот обвинителот си го штити самиот, со своето постапување. Но во законот постои механизам и тоа е легитимно право. Советот го разгледа и формира мислење. Аргументите за тоа, за мене, беа прифатливи,“ рече Савески.
Сензитивните предмети ќе продолжат без прекини
Тој истакна дека преземањето на сензитивни предмети нема да доведе до одложувања или намалување на квалитетот на постапките. Обвинителите кои ги преземаат случаите ќе се вклопат во тековните процеси, како што веќе било успешно практикувано во други комплексни предмети.
Савески најави и уредување на системот на овластувања во обвинителствата, наведувајќи дека затекнал „хаотична состојба“ со бројни овластувања без единствена евиденција. Сите овластувања ќе бидат повлечени и повторно разгледани, освен оние во Кочани, Крива Паланка и Ресен, поради недостиг на обвинители.
„Ниту еден предмет нема да биде оставен без застапување. Ќе има обвинител за секој случај,“ рече Савески, реагирајќи на прашања за одложени рочишта кај сензитивни предмети.
Савески потсети дека кривичните пријави се процесуираат согласно законските обврски, а не по јавен притисок. Тој истакна дека поддржува дигитализација на процесите, со цел секој обвинител да биде оценуван според мерливи параметри: динамика на работа, квалитет на одлуки, сложеност на предметите и резултати.
Во однос на случаи базирани на ревизорски извештаи, Савески нагласи дека Државниот завод за ревизија редовно соработува со обвинителството и дека се постапува само доколку постојат индиции за кривично дело.
