Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи седница на високо ниво за договорот за прекин на огнот во Газа и напорите на Израел да ја прошири контролата на Западниот Брег, пред заминувањето на светските лидери во Вашингтон, каде што ќе разговараат за иднината на палестинските територии на првото заседание на Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.

Седницата на Обединетите нации во Њујорк првично беше закажана за утре, но беше поместена откако Трамп го најави состанокот на својот Одбор за мир за истиот датум, бидејќи стана јасно дека тоа ќе ги закомпликува плановите за патување на дипломатите кои имаат намера да присуствуваат на двата настани.

Одговарајќи на новинарско прашање што очекува од двата последователни состаноци оваа недела, палестинскиот амбасадор во Обединетите нации, Ријад Мансур изјави дека Палестинците од меѓународната заедница очекуваат да го запре Израел и да ги прекине неговите незаконски напори кон анексија, без разлика дали тоа е во Вашингтон или во Њујорк.

Се очекува дека министрите за надворешни работи на Велика Британија, Израел, Јордан, Египет и Индонезија, меѓу останатите, ќе присуствуваат на месечната седница на Советот за безбедност за Блискиот Исток, кој го сочинуваат 15 членки, откако бројни арапски и исламски земји минатата недела побараа пред нивното заминување во Вашингтон да се расправа за ситуацијата во Газа и за спорниот израелски проект за населби на окупираниот Западен Брег.

Одборот со кој ќе претседава Трамп првично беше замислен како мала група светски лидери која би го надгледувала неговиот план во 20 точки за иднината на Газа. Досега повеќе од 20 земји ја прифатија поканата да се приклучат на Одборот, додека блиските партнери на САД, вклучувајќи ги Франција, Германија и други, одлучија сè уште да не се приклучуваат и повторно изразија поддршка за Обединетите нации, кои исто така се соочени со големи реформи и намалување на финансиите.