СДСМ пред да зборува за економските политики и за тоа како се живее во државата, нека го праша Венко Филипче како живее, бидејќи тоа што го зборува СДСМ и тоа што го прави Филипче не соодветствуваат едно со друго, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Нека каже Филипче како со лекарска и пратеничка плата се стига до јахти, облакодери и до акции во авиокомпании, па да ја раководиме економијата на државата во тој правец. Секако, ако е легално и законски начинот на кој ги заработил парите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Кога се зборува за економија и за животен стандард, СДСМ треба да се скрие и да молчи, се вели во соопштението.
„Од земја на раб на банкрот во времето на СДСМ, зголемени сметки, плати кои стагнираат и не се исплаќаат, за една година го сменивме начинот на живеење. Сега, граѓаните имаат повисоки плати, пензии, нови работни места, земјоделците добиваат субвенции. Разликата е јасна. Со СДСМ се крадеше, а сега со ВМРО-ДПМНЕ се градат темелите на промените“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.