Обвинувања за шпекулации и притисоци

Лидерот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, Максим Димитриевски, го повика претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на јавен дуел за да ги соочат аргументите, наместо, како што рече, да се занимаваат со ЗНАМ преку шпекулации и невистини. Повикот го упати во телевизиско интервју во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24, реагирајќи и на апелите од Филипче до членството на ЗНАМ да се врати во СДСМ.

„СДСМ е завршена приказна за мене“

„Не само што ги повика јавно, туку и телефонски им се јавуваат и велат – вратете се назад, простено ви е сè. Тоа е проблемот и кај претходното и кај сегашното раководство на СДСМ, а веројатно ќе биде и кај идното. Тие ќе останат генерали без војска“, изјави Димитриевски, додавајќи дека за него СДСМ е одамна завршена приказна. Тој истакна дека ЗНАМ е автентична партија со нови луѓе, меѓу кои и јавни личности и поранешни спортисти.

Став за ЕУ интеграциите и односите со соседите

Говорејќи за блокадата на Македонија на европскиот пат, Димитриевски нагласи дека земјата мора да се потпре на сопствени сили и да следи примери како Швајцарија. Тој го оцени документот на СДСМ за национален консензус како „кукавичко јајце, можеби пишувано во Софија“, додавајќи дека голем дел од него ја отсликува резолуцијата на бугарскиот парламент. Тој ги отфрли обвинувањата дека е националист и албанофоб, наведувајќи реализирани проекти во етнички мешани средини, и порача дека ЗНАМ ќе го потврди својот рејтинг на претстојните избори.