Етикетите, навредите и омаловажувањата за правните експерти и професорите само ја покажува режимската матрица на Груевски во којашто е заглавен Христијан Мицкоски, велат од СДСМ после денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според партијата на власт, Мицкоски е последен кој може да зборува и да прозива професори или пак истакнати правници.
-Граѓаните знаат дека Мицкоски има дипломирано кај својот татко. Не само што дипломирал, туку бил и асистент кај својот татко, а згора на се кај него дури и се вработил. Мицкоски сега ќе кажува за фалц професори? Па заради такви како него фалц професори УКИМ со години не може да се искачи погоре на Шангајската листа, сметаат од СДСМ.
Мицкоски денеска порача дека очекува да има одговорност од работната група, бидејќи, како што вели, ќе земаат само хонорар од народот, а нема да сработат ништо.
-Тие се експерти? Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и СДСМ. Се срамам од нивниот срам. И тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски која што не успеала, и потоа кривична одговорност за оние кои ќе земат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е без предметна, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на новинарско прашање.