СДСМ и владината коалицијата освоија повеќе гласови за советници од опозицијата и затоа парламентарното мнозинство нема да гласа за брзи предвремени избори бидејќи државата е поважна од разулавеноста на Мицкоски, објавија од СДСМ.
Од владејачката партија реагираа на тврдењето на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ освоила повеќе гласови од СДСМ во гласањето за советничките листи на штотуку завршените локални избори во Македонија.
– Партиите од владината коалиција на советничките листи на овие избори освоија над 419.180 гласови, што е за 19.090 повеќе од гласовите на партиите од опозицијата. Или изразено во освоени советнички мандати, СДСМ и владината коалиција имаат 664 советнички места, што е 61 повеќе од советничките места кои ги освоија ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата – тврдат од СДСМ.
Од СДСМ истакнаа дека парламентарното мнозинство е стабилно и се однесува одговорно кон иднината на државата и народот.
– Во име на гласовите на граѓаните кои ги освои владината коалиција кои се повеќе од гласовите на опозицијата, во име на нужноста земјата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, во име на потребата да ги вложиме сите напори да ги почнеме преговорите со ЕУ, ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори – додаваат од СДСМ.
На граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има евроатлански курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес, се вели во соопштението испратено од партијата.