СДСМ го поддржа протестот на ССМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата ќе ги поддржи денешниот протест на ССМ и барањата што работниците ги упатуваат до Владата, но дека нема да обезбеди организирана партиска поддршка. Тој нагласи дека протестот треба да остане автентичен синдикален израз.

„Протестот треба да биде автентичен“

Одговарајќи на прашањето дали вечерва ќе присуствува на протестот организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија, Филипче истакна дека нема да има организирано учество од страна на СДСМ.

„Сигурно ќе излезат наши членови коишто се дел од синдикатот. Но, ние организирана партиска поддршка со цел да се поддржи во таа смисла протестот не даваме. Ниту сметаме дека треба да се даде. Треба да е тоа автентично излегување на улица, исто како што е автентично излегување на организацијата, за кое што немаме никаква улога“, изјави Филипче.

Став за платите и споредба со периодот на СДСМ

На забелешките дека СДСМ сега ги поддржува барањата на синдикатите, а додека биле на власт немале ист став, Филипче одговори дека во периодот на владите на СДСМ платите бележеле континуиран раст, дури и во време на најголемите кризи.

Тој оцени дека барањата на синдикатите се реални и оправдани, нагласувајќи дека поголемата плата е неопходна за достоинствено преживување на работничките семејства. Филипче потсети дека минималната плата била дуплирана, а просечната речиси дуплирана, во услови на ковид-пандемијата и енергетската криза, и додаде дека дава максимална поддршка за денешниот протест.