Не постои сегмент во енергетиката кој СДСМ не го уништи. Вонредно ја зголемија цената на струјата за 9,5%. Ја укинаа дневната евтина тарифа за домаќинствата. Компаниите кои набавуваат струја на слободниот пазар каде струјата е 5 до 6 пати поскапа се оставени сами на себе. Го поскапеа парното за 14%. А, во најголем дел од градот или воопшто не греат или пак не се постигнува доволно загревање. Компаниите кои го користат природниот гас како енергенс, поради енормниот пораст на цената на гасот, имаат огромни финансиски проблеми. Поскапе и метанот за 120%, што доведува до тешкотии во работењето на ЈСП во Скопје, чии автобуси користат метан, истакна на денешната прес конференција Стевче Антовски, член на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека не постои сегмент во енергетиката кој не го уништи СДСМ.

– АД ЕЛЕМ не е во состојба да ги исполни своите законски обврски кон ЕВН ХОМЕ за што ќе се потрошат повеќе од 200 милиони евра пари од Буџетот за увоз на електрична енергија. СДСМ мора да престанат да ја лажат македонската јавност дека имаме доволно сопствено производство на електрична енергија. Зошто ако е така, Владата носи одлуки за префрлање на пари од Буџетот на сметката на ЕЛЕМ за увоз на електрична енергија? Наместо увоз на скапа струја, требаше да се погрижат за нашите рудници и да отворат нови со кои ќе имаме сопствен јаглен, требаше да отвораат нови инвестиции и нови работни места, за да имавме сега струја со ниска цена од сопствен јаглен, посочи Антовски.

Тој вели дека е јасно дека со државата владеат криминално – мафијашки кланови кои ги користат државните институции за сопствени потреби и се спремни да уништат сé, што сме го граделе децении наназад.

– Едно можеме да кажеме со сигурност! Со ваква власт се уништува енергетиката во Македонија во секој сегмент. Зошто Владата одбира да помогне само на ЕСМ, а не на сите оние кои имаат проблеми со зголемување на цените на сите енергенси? Секој нареден ден на оваа криминална власт значи поголем пораз за Македонија. Потребно е итно заминување од власт на СДСМ, потребни се итни предвремени парламентарни избори затоа што народот тоа го бара, додаде Антовски.