„СДСМ во изминатите шест години значително ја подобри куповната моќ на граѓаните. Во периодот од мај 2017 година до мај 2023 година, благодарение на економските политики на СДСМ реалната куповна моќ на граѓаните е зголемена за 30,2 отсто“, соопшти СДСМ.

„Во период на криза предизвикана од пандемијата, на која и следеше најголемата економска и енергетска криза, кумулативно инфлацијата се зголеми за 29,1%, додека растот на просечната плата изнесуваше 59,3%, што значи дека и покрај високиот ценовен притисок врз животниот стандард на граѓаните, куповната моќ е зголемена за 30,2 процентни поени.

Во времето на владеење на ДПМНЕ реалната куповна моќ на граѓаните е зголемена за само 3,5 отсто. Од мај 2011 до мај 2017 година инфлацијата кумулативно изнесувала 5,7 отсто, а растот на нето платата бил 9,2, односно реалната куповна моќ на граѓаните се зголемила за 3,5%“, се наведува во соопштението на СДСМ.

„Инфлацијата ќе се намалува и до крајот на годината се очекува овој тренд да продолжи и да се одржи едноцифреното ниво на инфлацијата, а во наредната година да биде околу 2 отсто.

Паралелно на тоа, ќе растат и платите како минималната, така просечната, пензиите и платите во јавниот сектор“, велат од СДСМ.