Партијата пред малку излезе со соопштение, од кое јасно се гледа дека партијата раскрстува со Димитриевски и официјално му врти грб за локалните избори:

– СДСМ ќе ја даде најдобрата понуда за граѓаните на Куманово на овие локални избори, а името на кандидатот и советничката листа ќе бидат објавени наскоро. Потегот на Димитриевски го олеснува изборот на граѓаните. Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци. За СДСМ, интересот на граѓаните на Куманово бил и секогаш ќе биде пред интересот на Максим Димитриевски или бил чиј друг личен интерес, се вели во соопштението.

Според информациите кои кружат по медиумите, најголем фаворит во трката за кандидат на владејачката партија е актуелниот секретар на општинската организација на СДСМ во градот, Оливер Илиевски.

За Илиевски е познато дека веќе подолго време активно води кампања за освојување на градоначалничкото место, а познато е дека ужива голема поддршка од својот имењак Оливер Спасовски, кој исто така е од Куманово.

Сепак, се уште се чека на официјализирање на кандидатот од страна на Социјал демократскиот сојуз.