Во седиштето на СДСМ вечерва почна седницата на Централниот одбор на партијата откако претходно заврши и седницата на Извршниот одбор.
На двете партиски тела треба да бидат потврдени кадровските решенија за составот на новата влада.
Претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски на седниците ги презентира имињата за составот на владиниот кабинет, по што треба предлозите да бидат доставени на гласање во Собранието.
Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Ковачевски се очекува утре до Собранието да го достави предлогот за состав на владиниот кабинет и новата владина програма, а на крајот од неделава да се одржи собраниска седница за избор на владата.
Костадин Костадинов, член на ИО на СДСМ и актуелен градоначалник на Струмица, пред почетокот на состанокот на Извршниот одбор изјави дека не би било принципиелно, како што рече, да ги шпекулира имињата предложени за членови на влада пред тие да бидат соопштени во телата и органите на партијата.
Прашан од новинарите дали имињата кои се споменуваат се прифатливи за голем дел од членството, Костадинов нагласи дека нема да коментира ништо пред тоа да ги слушне официјално на ИО и на ЦО.
– Јас сум сигурен дека има капацитетност новото лидерство на партијата пред ИО и ЦО да го понуди најдоброто за партијата и за државата во моментов, изјави тој.
Одговарајќи на новинарско прашање какви луѓе и се потребни на оваа влада, Костадинов потенцира дека тоа се луѓе кои ќе бидат посветени исто како што беа посветени и кадрите досега.