Во 2017 година кандидатката на СДСМ освои рекордни 31.337 гласови. Тогаш кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои 17.715 гласови. Овој пат за Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ гласаа 19.571 битолчани, за Христо Кондовски 17.926, пренесува Радио Слободна Европа.
Битола ќе избира градоначалник во втор круг, а борбата за советнички места заврши во првиот. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ уште еднаш ќе ги одмерат силите во вториот круг за избор на градоначалник откако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски успеа да освои водство со 1.645 глас повеќе од Христо Кондовски на СДСМ. Кој ќе стане градски татко ќе зависи од тоа кој ќе успеа да ги привлече гласовите од другите кандидати за градоначалници, кои не влегоа во вториот круг, политички партии, советнички групи, независни гласачи и оние битолчани кои во кутиите оставија 2600 неважечки ливчиња.
„Изборните резултати даваат одлична основа за победа во втор круг. Се кандидирав за градоначалник на нашата Битола од срце, со силен мотив и огромна желба да ја менуваме на подобро. Влегов во изборната трка како млад, нов човек во политиката, кој стекнатото знаење и искуство низ личните постигнувања во бизнисот е подготвен да ги стави на ваша услуга, заедно да ја обновиме и модернизираме нашата Битола! Најавувам локално обединување на целиот коалициски потенцијал кој во првиот круг беше разлеан на повеќе страни, како и поттик за излезност на сите кои од различни причини не излегоа на гласачките места“, рече Кондовски.
ВМРО-ДПМНЕ со огномет го прослави водството само четири години подоцна откако во 2017 година доживеа катастрофален пораз од кандидатката за градоначалник на СДСМ Наташа Петровска која тогаш освои рекордни 31.337 гласови, а претходно никогаш немало кандидат со добиени повеќе од 30.000 гласови. Тогаш кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои 17.715 гласови. Овој пат за Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ гласаа 19.571 битолчани, за Христо Кондовски 17.926.
Коњановски вети создавање на исти стандарди за сите граѓани на Битола.
„За мене не постојат поважни и помалку важни граѓани. За мене сите се битолчани. За сите гарантираме развојни проекти усогласени со заштита на животната средина. Гарантираме проекти за заштита на воздухот, водата и почвата во Битола. Гарантираме Битола ќе биде проектот со кој сите ќе се гордееме“, рече Коњановски.