СДСМ бара Владата да ги објави компаниите со кои преговара за изградба на дата-центри во Македонија, како и условите што им се нудат на потенцијалните инвеститори.

Од партијата реагираат по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата разговара со пет до шест потенцијални инвеститори за дата-центри, оценувајќи дека јавноста засега нема информации со кого се водат разговорите, за какви проекти станува збор и какви обврски би презела државата.

„Која е компанијата? Со кого и за што точно се преговара? Кои услови им ги нуди Владата? Нема одговори, нема имиња, нема договори, нема анализи и нема бројки“, наведуваат од СДСМ.

Опозициската партија особено бара да бидат објавени проценките за потрошувачката на електрична енергија и вода од идните дата-центри, како и анализите за нивното влијание врз енергетскиот систем, водоснабдувањето и земјоделството.

Од СДСМ тврдат дека големи дата-центри можат да бидат значајни потрошувачи на струја и вода и предупредуваат дека државата не треба да презема обврски кон инвеститорите без претходно да биде познато колкави ресурси ќе бидат потребни и кој ќе ги финансира неопходните инфраструктурни инвестиции.

„Македонија нема ресурси за експерименти зад затворени врати, особено не со водата“, велат од партијата, додавајќи дека пред реализација на вакви проекти треба да бидат познати и економските придобивки – бројот на работни места, приходите за државата и локалните заедници и евентуалните субвенции или олеснувања за инвеститорите.

СДСМ наведува дека не е против инвестиции во нови технологии и дата-центри доколку тие носат економски развој и нови работни места, но бара ресурсите што би ги користеле проектите да не бидат ставени на располагање без јасна пресметка за користа за државата.

„Прво договорите и анализите на маса, потоа приказните за инвестиции“, порачуваат од СДСМ, барајќи целосна транспарентност за сите разговори што Владата ги води со потенцијалните инвеститори.