СДСМ најавува враќање на победничките патеки на локалните избори, Мицкоски им предвидува „разочарувачко изненадување“. Продолжуваат преписките меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за идните локални избори.
Разочарувачко изненадување во резултатите на локалните избори за социјалдемократите, предвидува премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, анкетите на кои се повикува опозицискиот лидер Филипче не кореспондираат со реалноста. Победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде и поголема доколку не им се извини на граѓаните за тоа што го направиле неговите претходници, додека биле на чело на Владата – смета премиерот, и му порача на Филипче да го искористи преостанато време во консолидирање на партијата и согледување на вистинските потреби на граѓаните.
Претседателот на СДСМ, пак, најавува враќање на победничката патека. Вели борбата штотуку почнала, а анкетите покажувале дека разликата се намалува во корист на партијата која ја предводи. Македонија заслужува власт каква што бевме ние – порача Филипче од говорницата на осмомартовскиот протест.
Во меѓувреме, течат внатрепартиските процедури и анкетите за избор на потенцијални кандидати за градоначалници во владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ најавија кон крајот на април ќе се знае кој ќе ја трча изборната трка за градот Скопје. Локалните избори треба да се одржат во октомври.