ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на обвинувањата од СДСМ за истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде опозицијата тврди дека власта штити одговорни функционери.

„СДСМ нека ги провери сопствените траги пред да покажува со прст – институциите темелно постапуваат по трагедијата во Кочани. СДСМ прозива поименично лица, но го премолчува фактот дека во нивниот мандат ‘Пулс’ работела без лиценца со години, а инспекцискиот надзор бил минимален. Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат биле под нивна контрола. Во 2023 и 2024 година нема пријава до општината Кочани или друг орган од полицијата, што покажува административно игнорирање под раководство на СДСМ. Фалсификувани документи или нерегуларности, ако постојат, се предмет на вештачења и проверки. Да се сугерира исходот однапред е притисок врз органите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ лесно се „загрижува“ по губењето на власта.

„Но, вистинскиот тест за политичка зрелост е да се постапува одговорно додека си на власт, кога можеш да спречиш, а не само да коментираш по штетата. СДСМ го падна тој тест повеќе пати, со фатални последици. Во трагедијата во Тетово, каде загинаа 14 лица, СДСМ ги штитеше кадрите. Наместо оставки, добивме објаснување дека ‘пациентите не изгореле, туку се задушиле’. Постапката се влечеше, без јасни одговори, а носителите беа унапредени. Во сообраќајни несреќи, истрагите беа заташкувани, одговорноста се префрлуваше на службеници. Ниту еден функционер на СДСМ не понесе одговорност за корупција или небрежност“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ нема кредибилитет да зборува за правда.

„Каде бевте кога требаше да покажете одговорност? Зошто молчевте тогаш, а сега викате… Токму затоа е поразително што тие, со најмалку кредибилитет, се претставуваат како бранители на правдата. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема заштита за никого, независно од партијата. Јавноста ќе добие одговори врз основа на факти, не прес-конференции“, заклучи партијата.