Пред стартот на новата грејна сезона сѐ понеизвесно е дали граѓаните ќе плаќаат поскапо парно. Додека скопјани чекаат на 15ти октомври да имаат топли радијатори, Град Скопје и ЕСМ сѐ уште не дефинирале, чии се цевките. Според ставот на градоначалничката Данела Арсовска, обврската е на ЕСМ, додека пак од ЕСМ велат дека се во комуникација со Градот и се подготвуваат за санација на цевководот под мостот Беласица. Се завршуваат административните работи и наскоро ќе почне да се работи на терен, тврдат од ЕСМ.

„Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа, ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите“, велат од ЕСМ.

Претседателот на РКЕ, Марко Беслимовски, неколку пати претходно предупредуваше дека ако надлежните не ја завршат работата на време, граѓаните ќе се соочат со ценовно цунами, односно ќе плаќаат поскапо парно.

Мостот Беласица, беше опожарен пред повеќе од четири месеци, но надлежните не најдоа време досега да се заврши постапката за санација и за поставување на нови цевки за парно. Над 60 илјади скопски домаќинста користат градско парно. Поголемиот дел се приклучени на системот на ЕСМ, или поранешно БЕГ, 1.900 на таканаречено железарско парно и 400 домаќинства на Топлификација Север.

Извор: Telma.mk.