Избирачките места во Црна Гора за вториот круг од претседателските избори на кои се натпреваруваат Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ затворени се вечерава во 20 часот, а првите привремени резултати се очекуваат по 21 часот.
И двајцата кандидати, Ѓукановиќ и Милатовиќ, изразија оптимизам во изјавите што ги дадоа претходно во неделата по гласањето.
„Верувам дека резултатите од изборите ќе го оправдаат таквото очекување и дека таквата намера ќе ја потврдиме на парламентарните избори на 11 јуни. Верувам дека започнува ново, подобро време во кое Црна Гора ќе продолжи да се движи ефикасно и стабилно кон нејзината европска цел“, рече Ѓукановиќ.
Јаков Милатовиќ, претседателскиот кандидат на Движењето Европа сега, изјави дека е сигурен во својата победа и дека единствено прашање е колкава ќе биде разликата меѓу него и Ѓукановиќ.
„Денеска ќе направиме голем чекор напред кога станува збор за помирена, богата, поправедна и конечно Црна Гора на сите нас“, рече Милатовиќ, посочувајќи дека на овој начин симболот на претходниот режим кој владееше со Црна Гора за изминатите 30 години конечно ќе бидат поразен.
За време на изборниот ден евидентирани се помали нерегуларности кои не можеле да влијаат на резултатот од гласањето, како гласно читање на кандидатот заокружен од гласачот или фотографирање на гласачкото ливче, известија локални невладини организации кои го следеа процесот.
Излезноста во вториот круг е поголема од првиот круг што се одржа пред две недели, соопшти Мониторинг центарот.
Претседателскиот кандидат Мило Ѓукановиќ освоил 39,9 отсто од гласовите, додека Јаков Милатовиќ 60,1 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати врз основа на 89 отсто од обработениот примерок, податоци на Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ).