Фатон Нури призна вина за тешко дело против безбедноста на луѓето, но ќе се брани за неукажување помош

На 1 јули годинава, на пешачка патека на кејот на Вардар во близина на Паркот на франкофонијата, 25-годишниот Фатон Нури управувајќи мотоцикл „Кавасаки“ без возачка дозвола и без регистарска табличка, удри во 68-годишниот Југослав Николовски. Додека Николовски се движел по пешачката патека, мотоциклот со левиот страничен дел го удрил телото на пешакот, по што тој останал повреден на земја.

Денеска пред Основниот кривичен суд Скопје, Нури призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. За делото „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, обвинетиот најави дека ќе се брани и ќе предложи докази.

„Се чувствувам виновен за сообраќајката, што не би сакал на никој да се случи тоа. Големо сочувство за фамилијата. Да можев да сменам нешто, би направил. За давање помош, сум давал помош,“ изјави Нури пред судот, додавајќи дека постојат видеозаписи кои го потврдуваат тоа.

Обвинителката истакна дека управувањето на мотоциклот од страна на Нури било незаконско и дека тоа довело до тешки повреди од кои Николовски подоцна починал.

„Обвинетиот, иако жртвата лежеше облеана во крв, го оставил мотоциклот и го напуштил местото на несреќата. Сопатникот, пак, остана додека да дојде увидната екипа,“ рече обвинителката.

Судот ја раздвои постапката. За делото за кое Нури призна вина, рочиштето е одложено за 24 октомври, додека за второто дело, за кое ќе се брани, судењето ќе продолжи на 11 ноември.

Семејството на починатиот најави дека ќе побара отштета, додека сопатникот на мотоциклот не се приклучува кон кривичниот прогон.

Нури управувал без да поседува дозвола, на недозволено место и со неприспособена брзина, со што сериозно го загрозил јавниот сообраќај и животот на граѓаните.