Поранешниот амбасадор Јован Донев оцени дека преку случајот со рудникот за бакар во Иловица се испраќа лоша порака до странските инвеститори. Тој во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ кажа дека политичарите повеќе сакаат да победат на избори отколку да спроведат мерки што ќе и помогнат на државата да се развие многу побрзо.
-Земете го како пример случајот со Иловица. Сите министри беа потпишани за да се дозволи експлоатацијата, но дојде нова Влада која рече „не може“. Како да не може? Каква порака ќе му се прати на странскиот инвеститор? Каде е сигурноста на странските инвестиции во Македонија? Зошто дваесет до триесет луѓе се бунат за Иловица?!, прашува Донев.
Според него, треба да се обрне внимание во општеството на т.н. мека безбедност на државата од странични влијанија, бидејќи, како што вели, тврдата безбедност на државата е веќе гарантирана од НАТО.
-Како може некој да ме убеди дека заради триесет луѓе се затвора Иловица за тие да произведувале органски домати? За кого? Тоа е удар против националната безбедност на Република Македонија. Пет рудници за злато требаше да има по таа линија. Сите добија концесии за истражување, но ги снема. Целиот сегмент на меката безбедност, вклучувајќи ја и корупцијата, го испуштаме од раце и затоа имаме проблеми, кажа Донев.
Поранешниот амбасадор додаде дека постојано се елиминираат можностите за отворање на нови рудници за бакар и злато во Македонија. Тој нагласи дека ова се прашања на национална безбедност и порача службите да ја проверат целата позадина на проектите, односно да одговорат дали ваквата ситуација е интервенција на некоја или пак на неколку странски служби.
-Украинците од Казандол ги избркавме. Плавица кај Кратово веќе никој не ја споменува. Потоа, на тромеѓето меѓу Македонија, Србија и Бугарија Вучиќ скокаше од радост зашто најдоа ново наоѓалиште на злато на негова територија, а ние затвораме, кажа Донев.
Тој потенцира дека иднината на македонската економија не е во земјоделието и со оваа гранка не може да се запре иселувањето.
-Како мислите да се развие Македонија? Со садење пиперки и патлиџани? Дали може да стане една држава така богата? Но, друго е да си воспоставите сами контрола, зашто секогаш има опасности, па и од Бучим во Радовиш и другиот во Пробиштип за олово и цинк. Од сите има опасности, но не можете однапред да проценувате, тоа е погрешен приод. Како ќе ја развиете економијата во Македонија? Не може поинаку. Вас ви треба населението да го запрете од иселување. Ние ете го чуваме здравјето на граѓаните, ама имаме бела смрт во Македонија. Сакаме луѓето да се вратат назад во земјата, а не да плачеме секој ден дека источна Македонија е празна, но се предлага да се развива земјоделие. Не може да развивате земјоделие со два хектара максимум. Македонија е планинска земја, смета Донев.
Извор: НЕТПРЕС