Герасимовски, како што соопшти Општина Центар, во текот на изборната кампања неколкупати повтори дека ЈП ПОЦ настрана од дејноста за организирање, управување, уредување и одржување на јавните паркиралишта ќе добие дополнителна комунална дејност за одржувањето на јавната хигиена на целата територија на Општина Центар.

– На денешниот состанок разговаравме за првичните постапки кои треба да се направат во ЈП ПОЦ за да се одвои и зајакне секторот јавна хигиена во посебен нов сектор. Првично треба да се дефинира новата структура на претпријатието и постапките за префрлање на хигиеничарите кои се вработени и механизацијата во ПОЦ. Потоа ќе се направи структура за потребните одделенија, број на координатори, поделба на општината на реони и проценка на потребните капацитети. Со ваков пристап ќе бидеме сигурни дека ќе располагаме со доволно ресурси и прецизен план на работа за да ја одржуваме општината чиста. Анализата за структурата на новиот сектор ќе започне да се прави наредната недела, а по одлука на советот ќе се започне со нејзино спроведување, изјави Герасимовски.

Од Општината додаваат дека се зајакнуваат и механизациските капацитети на претпријатието со нова цистерна за чистење на улиците која треба да пристигне најдоцна до февруари наредната година. Претпријатието треба да добие и три метларки и дополнителна една помала за чистење на пешачките зони.