Од 61 присутен, 55 кренаа рака за законот за игри на среќа. Без амандмани во матичните комисии и дебата на пленарната седница, пратениците дадоа зелено светло за законот, според кој се забранува да има автомат клуб, спортска обложувалница или друг објект за организирање игри на среќа на 500 метри од училиштата.

Опозицијата побара точката да се тргне од дневен ред на денешната седница, а откако не беше овозможено ја напушти салата. Движењето Антикоцкање инсистираше на донесување на ваков закон заради заштита на децата, а приредувачите на игри на среќа протестираа, зашто сметаат дека ваквите измени ќе ги затворат обложувалниците и ќе ја уништат нивната индустрија, а 10.000 луѓе ќе останат без работа.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) претходно организираа протест пред законодавниот дом изразувајќи го револтот предлог-законот.

Оттаму, тие побараа претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за стапување во сила на законот, велејќи дека со измените ќе се затвори гранка во која има илјадници вработени, а кои со измените на законот ќе останат без работа, со што идиректно ќе се загрози егзистенцијата на 50.000 граѓани.

Шефот на државата неодамна изјави дека нема да го потпише Законот за игри на среќа, кој се носи злоупотребувајќи го европското знаменце, а за кој е јасно дека не постои јасна европска директива.