Храна за вработените во Министерството за Одбрана и за припадниците на Армијата на Република Македонија ќе подготвува приватна фирма, дознава Радио Лидер од извори од Министерството за Одбрана. Како што дознаваме, во изминатиот период се врши огромен притисок за тендерот, кој веќе е објавен и чини милиони, да го добие компанијата „Индустри сервисес“ која веќе ја храни македонската полиција.

Тендерот би требало да заврши на почетокот е наредната недела, а главен промотор за оваа компанија да ја храни војската е Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој веќе има сериозен скандал поврзан со истата.

Како што дознаваме, наместо да се изберат повеќе добавувачи или добавувач со поквалитетна понуда, се врши притисок токму компанијата која на почетокот на месецов имаше серија со труења, да го добие тендерот.

Две последователни труења со храна на почетокот од месецов имало во компании кои со храна ги снабдува „Индусти сервис“, компанијата која на почетокот од годинава од Оливер Спасовски доби два договори од речиси 13 милиони евра за со храна да снабдува два витални објекти на МВР. – дознава Радио Лидер од извори во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Како што дознаваме, на 02.11 тројца вработени од ФАКОМ пријавиле триење кај своите матични доктори, а на истиот ден, 6 лица од Ферал Механика исто така пријавиле труење но во Систина.

-Во двата случаи, затруените јаделе иста храна од Индустри сервис, а тоа се шпагети болоњезе, но по огромен притисок од политички извори инспекцискиот увид констатираше дека грешката не е во добавувачот, туку кај фирмата клиент која наводно несоодветно ја чувала храната. – вели изворот на Радио Лидер од АХВ.

Нашиот извор додава дека е симптоматично тоа што во два одделни објекти во исто време, истата храна наводно се чувала несоодветно.

-Од државна болница нема никаков извоштај за овие труења кон Центарот за Јавно Здравје, иако ова е законска обврска на болниците, додека Систина уредно ги пријавила труењата до ЦЈЗ, но јавноста за ова не е запознаена. – вели нашиот извор.

Како што потврдува нашиот извор од АХВ, инспекција ги затворила објектите каде Индустри сервис ја подготвува храната, кои поради овие случаи биле запечатени цели три дена.

Ваквите случаи не би биле голем скандал, доколку истата компанија не подготвува храна за потребите на МВР и специјалните единици. На почетокот од годинава, Наќе Чучев од ВМРО-ДПМНЕ, објави дека истата компанија за сума од речиси 13 милиони евра добила два тендери од министерството.

-Со двата тендери од речиси 13 милиони евра, кои се за период од 36 месеци, годишно Индустри сервис во просек може да наплати по речиси 4.5 милиони евра. Тоа е за речиси една третина повеќе од колку што се трошело до сега. Имено лани за цела година, МВР за набавки на храна потрошила само 3.3 милиони евра. – изјави од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев на 23ти јануари годинава.

Дополнително на Индустри сервис според договорот и се признаваат транспортни трошоци, кои се 15% од литар гориво за секој изминат километар, меѓутоа тука не запираат нелогичностите. Тогаш, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Спасовски дека е личен пријател на сопственикот на оваа компанија.

-Имено, кога ќе се погледне спецификацијата, се воочува дека и двата договори на МВР на Спасовски со Индустри сервис сопственост на Драган Смилковски, близок пријател на Спасовски се полни со конзерви и сува храна. Дури и гулашот и гравот во спецификацијата доставена до МВР од страна на фирмата Индустри сервис се во конзерви. – изјави Чулев.

Во деновите кои претстојат, институциите ќе треба да одговорат на прашањата дали храната која ја јадат нашите специјалци е безбедна.