Албанската министерка за финансии, Делина Ибрахимај на заедничката прес-конференција со македонскиот министер Крешник Бектеши изјави дека од утре почнува увозот на сончогледово масло од Македонија, кое претходно главно се увезувало од Украина.

Република Македонија утре ќе донесе важна одлука со која ќе се отвори извозот на сончогледово масло во Албанија, производ кој главно беше увезуван од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки. Сакам да му се заблагодарам на министерот Бектеши за конструктивните разговори и сакам да гарантирам дека односите меѓу двете земји на полето на трговијата ќе продолжат да бидат многу добри – рече Ибрахимај.

Таа додаде дека ќе продолжи олеснувањето на сите процедури во рамки на Отворен Балкан.

Од друга страна компаниите велат дека со оваа мерка ќе се балансира понудата и побарувачката

„Во време на криза не смееме да ги изгубиме пазарите каде имаме традиционално пласман на производи. Договорот со Албанија е добра мерка за задржување на постојните пазари и тоа треба да биде овозможено и за другите пазари. Само со слободен проток на производи може да се балансира понудата и побарувачката“, вели Љупчо Велески, директор за извоз во Витаминка.

Поради недостиг на масло за јадење во Албанија, чија цена е 3,1 евро, голем број албански граѓани од пограничните региони со Македонија зејтин главно купуваат во Дебар, Струга, Охрид и Ресен.