Како што јави Бета, на комеморацијата повторно нема да има претставници на српските власти, а најавено е присуство на делегација од Владата на Република Српска. Во Поточари, меѓу другите, ќе бидат црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ.
Во Поточари денеска ќе бидат погребани посмртните останки на уште 19 идентификувани жртви во Сребреница.
Во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари досега се погребани 6.652 жртви на геноцидот врз Бошњаците од „Безбедната зона на Обединетите нации“ Сребреница, додека уште 237 жртви се погребани на други локации, во согласност со желбите на нивните семејства. Меѓу нив има и 435 малолетни лица.
Сè уште се трага по уште илјада исчезнати жители на Сребреница.
Откако влегле во заштитената зона на Обединетите нации во јули 1995 година, српските сили, предводени од командантот на Армијата на Република Српска Ратко Младиќ, убиле околу 8.000 луѓе, главно мажи и момчиња.
За геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година, Хашкиот трибунал и судовите во БиХ, Србија и Хрватска досега осудија 47 лица на повеќе од 700 години затвор.
Младиќ беше осуден на доживотен затвор пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг, како и поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ. Уште тројца високи офицери на Армијата на Република Српска на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница.