Голем дел од осудените лица во македонските затвори ги исполнуваат условите за условен отпуст, оцени директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, на денешниот работен состанок „Пробација и условен отпуст“.

„Не велам дека сите, но најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација и од директорите на затворите,“ изјави Пандов.

Тој посочи дека во судовите моментално има околу 430 осудени со А-третман и уште 340 со Б2-третман.

На состанокот присуствуваа директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска-Стрезоски, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, како и претседатели на судови и судии кои постапуваат по предмети за условен отпуст.

Пандов потсети дека пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но не се применува доволно често.

„Еден осуденик месечно нè чини околу 1.000 евра. Не мал број од овие 750 луѓе нè чинат многу како општество, а одат таму и се однесуваат како во хотел – ги храниме и ги чуваме,“ рече тој.

Во моментов, повеќе од 900 лица се под пробациски мерки, а можноста за нивно условно ослободување ќе зависи од препораките на надлежните институции.