Се огласи Татјана Димитровска за првпат по приведувањето.

Претседателката на ДКСК се произнесе по објавата дека е осомничена

Дури една недела откако ОЈО ГОКК ја стави на листата на осомничени во проширената истрага за случајот „Адитив“, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, испрати писмено соопштение до медиумите, во кое за првпат се произнесе за случајот. Таа негира поврзаност со случајот и ги демантира шпекулациите во јавноста, вели дека комуницирала пред случајот „Адитив“.

Приведена претседателката на ДКСК

За што се сомничи Димитровска?

Обвинителството ја сомничи Димитровска за оддавање службена тајна на едно од обвинетите лица во случајот „Адитив“. Тоа се однесува на штета од 6,5 милиони евра нанесена преку државната компанија ЕСМ.

Димитровска: Комуникацијата била пријателска и пред притворот

Во соопштението, Димитровска појаснува дека лицето со кое комуницирала било семеен пријател, и дека разговорите биле водени до декември 2024 година, пред да му биде изречена мерка притвор.

„Содржината на комуникацијата се однесува на јавни документи и вообичаена пријателска комуникација“, пишува Димитровска, додавајќи дека немала намера да влијае врз постапката.

Случајот не бил распределен на нејзино постапување

Димитровска ги отфрли шпекулациите за приведувањето и информира дека во ДКСК е отворена постапка за проверка на имотната состојба на обвинетиот, но според системот за електронска распределба, предметот не е доделен кај неа, и таа нема никакво влијание врз постапката.

„Одлуките во ДКСК се носат колективно со мнозинство гласови“, посочи таа.

Почитување на мерките и очекување на разрешница

Претседателката на ДКСК вели дека ќе ги почитува мерките на претпазливост што ѝ ги одредил судот и дека целосно ќе соработува со надлежните органи.

„Очекувам брза и транспарентна разрешница на случајот“, вели Димитровска.

Апел за почитување на презумпцијата на невиност

Димитровска порача дека интегритетот на ДКСК, нејзиниот личен и на семејството мора да бидат заштитени.

Билјана Каракашова Шулев ја презема функцијата на ДКСК – Димитровска суспендирана поради случајот „Адитив“

Таа потсети на принципот на презумпција на невиност и додава дека останатите шест члена на Комисијата немаат поврзаност со делото.

„До конечно изјаснување на Обвинителството нема да давам јавни изјави, освен ако околностите не наложат поинаку“, заклучува таа.