Министерството за здравство по вчерашниот најавен протест на вработените во Клинички испрати соопштение до јавноста во кое посочува дека тие сите напори континуирано ги насочуваат кон афирмација и унапредување на статусот и улогата на здравствените работници во општеството.
– Изминатите три години здравствените работници и здравствените соработници, посветено и со натчовечки напори работеа на браникот на ковид пандемијата, пружајќи помош и борејќи се за здравјето и животот на секој пациент. Министерот за здравство, д-р Беким Сали, имајќи ја предвид незаменливата улога на здравствените работници, јасно и недвосмислено го истакнува ставот дека тие ја заслужуваат целата наша почит и во ниеден случај не треба да бидат редуцирани финансиски средства од нивните додатоци, како што се надоместоците за дежурства и ноќен труд. Воедно, го пренесуваме и ставот, како на Министерството за здравство, така и на Владата на РСМ дека не се планира воведување проекти за плаќања по учинок, особено поради фактот што овој тип на проекти во минатото се покажаа како целосно неуспешна реформа, се вели во нивното соопштение.
Министерството за здравство додава дека министерот и заменик министерот за здравство, заедно со претставници на двата синдиката за здравство, како и претставници од Лекарската комора на Македонија и Здруженијата за медицински сестри, овие ставови ќе ги претстават и пред Фондот за здравствено осигурување и Министерството за финансии, со цел да се приоретизира ова прашање, односно да се изнајдат средства за покачување на платите, со особен осврт на медицинските сестри и другите здравствени работници и соработници со средно образование.