Поддршка за Иран во време на ескалација

Русија ќе преземе конкретни мерки за поддршка на иранскиот народ во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток, порача рускиот претседател Владимир Путин на средбата со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

„Имаме долгогодишни, добри и сигурни односи со Иран. Од наша страна, ние вложуваме напори да му помогнеме на иранскиот народ“, рече Путин на средбата.

Од иранска страна, шефот на дипломатијата Арагчи порача дека Москва е цврсто позиционирана на страната на правдата:

„Денес, Русија е на вистинската страна од историјата и меѓународното право. Им се заблагодаривме на нашите руски пријатели за нивната решителна осуда на агресивните дејствија против Исламската Република“, додаде тој.

Телефонска дипломатија за намалување на тензиите

Претседателот Путин остварил телефонски разговор и со ирачкиот премиер Мохамед ал-Судани. Во соопштението на Кремљ се вели:

„Телефонски разговор се одржа меѓу претседателот на Руската Федерација Владимир Путин и премиерот на Република Ирак Мохамед ал-Судани. Беше остварена длабинска размена на мислења за ситуацијата на Блискиот Исток во врска со операцијата на израелските сили против Иран, како и ракетниот и воздушен напад на САД врз иранските нуклеарни постројки“.

Кремљ информира дека Путин и Судани се договориле заеднички да помогнат во организирањето на првиот руско-арапски самит, кој треба да се одржи во октомври.