Асани вели дека бил неосновано обвинет од негови противници и портали за лајкови поттикнати од антиалбански насочени индивидуи. Тој вели дека совеста му е чиста, дека го спасил животот на пациентката која влегла во животнозагрозувачки шок, а дека бубрегот не го извадил тој, туку хирурзи кои морале да влезат во салата, откако состојбата на Веапоска се искомплицирала зашто бубрегот крварел.

Еве го неговото обраќање преку Фејсбук во целост:

„До денеска не се изјаснив, не затоа што немав што да коментирам или затоа што совеста не ми е чиста, како што и мислеа некои луѓе. Но сето тоа го направив од почит на одлуката на соодветните установи. Против мене имаше многу обвиненија со цел да ми го уништат авторитетот, сепак мислев дека првично својот став треба да го кажат соодветните одговорни институции. Но сфатив дека во дел од јавноста ова е погрешно сфатено. Повеќе од очигледно е дека овие последователни обвиненија од некои индивидуи и портали кои ниту ме познават лично, ниту ја знаат мојата работа, со исклучок на сериозните медиуми, се всушност потикнати од противници и антиалбански настроени индивидуи. Независно од тоа што првично изгледа како обвинение против лекар, всушност е обвинение против мојата функција како директор на ОБ Струга, функција која јас заслужено и со многу одговорност ја извршувам повеќе од една година. Во врска со случајот се изнакажаа толку многу нешта што само имагинацијата на некој кој во секој случај бара виновник може да ги измисли. Пациентката е примена во болница и направена е предоперативна подготовка по протокол. Беше втор царски рез кај пациентката, и нормално како по секој оперативен зафат, ризикот и можноста за компликации се зголемуваат во секој нареден зафат. На пациентката детално и е објаснета операцијата, ризиците, интра и постоперативните компликаци, истата свесно со своерачен потпис се согласи. Постоперативно пациентката беше под надзор секој ден од дежурните екипи (двајца лекари специјалисти гинеколози-акушери и 4 сестри акушерки), кои констатирале дека пациентката секој ден била стабилна. Петтиот постоперативен ден состојбата на пациентката се искомплицира (интраабдоминална хеморагија), хеморагичен шок, дојде до животозагрозувачка состојба и мораше да се интервенира навреме и брзо. Итно влеговме во операционата сала, двајца гинеколози, двајца хирурзи и двајца анестезиолози, секој работејќи на својата област. После една екстремно тешка и вонредна работа, која траеше цели 8 часа, успеавме да ѝ го спасиме животот на пациентката. Сакам да нагласам дека гинекологот НЕ ВАДИ БУБРЕГ. Констатација од некои портали и индивидуи кои или тенденциозно го прават тоа или немаат поим што значи медицина. Бубегот е изваден од страна на хирурзите кои во моментот имале индикација за тоа, зашто само на тој начин можеле да го спречат крварењето (сето ова е документирано). Работата во тек на оваа операција е многу тешка, која се прави во специјализирани клиники, но со голема посветеност и упорност од целата екипа, заврши успешно. Потоа пациентката беше препратена во КАРИЛ за интензивен мониторинг и понатамошна евалуација. При прием на пациентката, лекарите и специјалистите од таа клиника ја оценија нашата работа максимално професионално завршена. Нашата професионалност со тоа што ѝ го спасивме животот се докажа и од комисијата формирана од Лекарската комора по наредба од Министерството за здравство, која беше составена од пет специјалисти од соодветните области, гинекологија, хирургија, урологија и анестезиологија. По деталната анализа за горенаведениот случај, донесена е одлука: Не е констатирано ниту еден прекршок во тек на инервенцијата, не е најдено никаква лекарска грешка и секој чекор бил по медицинските протоколи. Има и несовесни лекари, но сите кои ме познаваат, знаат дека јас не спаѓам во таа група. Ова сум го докажал со мојата работа повеќе од 30 години, работејќи со голема професионалност и посветеност, каде над се бил животот на пациентите. Сум жртвувал часови од одмор, времето со моето семејство, моите деца, само и само за да бидам на служба на секој кој имал потреба од мене. За мојата 30 годишна кариера некои портали (новоотворени, без никаков критериум) и индивидуи без никаква основа ме обвинуваат за двата случаи како да сум направил криминал. Во врска со случајот од Дебар, ја разбирам болката на семејството, но треба да знаат дека во тек на мојата работа немало ниту една грешка. Жалам што пациентката се соочи со една таква компликација, но после интервенцијата целата состојба им беше објаснета на семејството и за текот на операцијата. Целата медицинска документација им ја предадов на авторитетите и ќе ја почитувам секоја нивна одлука. Единствено што можам да кажам е дека мојата совест е многу мирна, уште еднаш потенцирам дека цело време сум бил професионален и посветен на мојата работа. Ова може да го потврдат илјадници пациенти во мојата 30 годишна кариера, кои и ден денеска ми се заблагодаруваат секогаш кога ќе се сретнеме. Јас сум им благодарен на сите, зашто довербата и поддршката што ми ја даваат е главната причина јас да продолжам да си ја вршам мојата работа со голема професионалност и љубов“, напиша Асани на Фејсбук.