-Алах да им даде рај на починатите, а на повредените што поскоро опоравување. Овие зборови ги кажувам со жалење и со повредено срце. Тие беа исто така наше семејство, бидејќи секогаш кога патувавме и патниците ги сметавме за фамилија. Четири дена бевме заедно во Истанбул и забележав дека повеќето и порано доаѓале со нас на тури со нашите автобуси за Истанбул. Овие тестови се од Алах и верувам дека се прифатени од секој верник, неговата волја не може да биде променета ни за минута и бараме од Алах никого да не тестира, напиша Хаџиу на Фејсбук.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера информираше дека е отворен предмет за Беса Транс и дека податоците што се собираат на барање на бугарските обвинители, во исто време ќе се користат и во делот на тој предмет, а со цел на расчистување на сите ситуации поврзани со несреќата, од документација за автобусот до тоа како тој ги поминувал границите.
-Ние ги прибираме потребните документации, а потоа ќе донесеме соодветна одлука. Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата од команијата Беса Транс е одземена. Ве уверувам за било кое лице доколку има основ, Обвиниелството ќе отвори постапка, изјави Јовекси.
Истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров, посочи дека се работи на сите верзии кои не се отфрлени, но бидејќи несреќата е голема и се собираат многу докази, во ваква ситуација истрагата треба да продолжи и не може да се даде дефинитивна верзија за причините за несреќата.
-Сопственикот на фирмата е сослушан во раните часови. Со него интензивно се соработува на територија на Северна Македонија и тој е достапен на надлежните институции, изјави Петров.