Амбасадата на Украина во Македонија објави информации за состојбата во земјата до 10 часот утринава.

Оттаму велат дека вчерашниот ден бил историски за нив откако претседателот Володимир Зеленски го потпишал барањето за членство на Украина во Европската унија. Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Чешка, Полска, Словачка и Словенија веќе повикаа на итно членство на Украина во ЕУ.

Што се однесува за воената помош, информираат, голема количина помош продолжува да доаѓа од партнерите: од панцирни елеци и шлемови до преносни противвоздушни ракетни системи и противтенковски системи.

Прашањето за зајакнување на воздухопловните сили на Вооружените сили на Украина се решава за уште повеќе да му се даде отпор на непријателот во воздух.

-За прв пат во својата историја, Финска обезбедува вооружување: 2.500 автоматски пушки, 150.000 парчиња муниција, 1.500 RPG за еднократна употреба и 70.000 комплети за храна. Шведска обезбеди воена помош за прв пат од 1939 година. Шведската влада ѝ предава на Украина 135.000 оброци, 5.000 шлемови, 5.000 панцири и 5.000 единици на противтенковски оружја. Норвешка, исто така, донесе исклучителна одлука за поддршка на Украина, оттргнувајќи се од политиката на недавање оружје на земјите кои не се членки на НАТО, а кои се наоѓаат во состојба на војна. Осло ни испраќа 2.000 фрлачи на противтенковски гранати!
Луксембург и обезбедува на Украина противтенковско оружје. Неутралната Австрија наскоро ќе испрати шлемови, заштитни елеци и гориво, информираат од амбасадата.

По однос на санкциите САД, Велика Британија и Австралија најавија воведување на нови санкции.

Швајцарија за прв пат се приклучи кон санкциите на ЕУ. Оние кои порано беа неутрални сега се борат заедно со Украинците против руските напаѓачи.

Азија, која претходно заземаше претпазлив став, исто така се приклучува на антипутинската коалиција. Сингапур воведува ограничувања кои вклучуваат контрола на извозот, санкции против руските банки, прекинување на летовите.

-Нашите партнери и нанесуваат разорни удари и на Централната банка на Русија. Канада им забрани на сите финансиски институции да вршат какви било трансакции со Централната банка на Руската Федерација. Канада, исто така, ја објави својата намера да го прекине увозот на нафта од Русија. Монако, кој е сакан од руските богаташи, ќе нанесе удар врз рускиот естаблишмент и ќе воведе санкции идентични на ограничувањата на ЕУ. Хуманитарна помош пристигнува од целиот свет. Камиони со потребните производи веќе ги напуштија Франција, Словачка, Швајцарија, Индија, Естонија и Литванија. Велика Британија синоќа ја испрати првата пратка медицински материјал во Полска. Вкупно Лондон одвои 40 милиони фунти за хуманитарна помош. И ова е само мал дел од помошта што ни ја даваат пријателите од целиот свет, посочуваат од амбасадата.

Се додава дека со секое гранатирање на украински град или село, Русија се повеќе се изолира од светот.

Бројот на држави кои го затворија својот воздушен простор за руски авиони е зголемен. Сега им се придружи и Албанија. Покрај тоа, Русија сега се соочува со масовно затворање и ограничувања на поморските патувања. Обединетото Кралство работи на законско решение за да спречи руски бродови да влезат во британските пристаништа.

-Пред неколку дена Европската радиодифузна унија објави дека ниту еден руски изведувач нема да учествува на овогодинешниот натпревар за песна, а вчера ФИФА и УЕФА одлучија да ги исклучат руските репрезентации и клубови од учество во натпреварите под нивно покровителство. САД испраќаат 12 руски дипломати од мисијата на ООН за зголемување на притисокот врз Русија.

-Меѓународната антипутинска коалиција е во тек. Украинската дипломатија обезбедува сигурна позадина за нашата војска. Со такви храбри војници и таква голема поддршка од светот, ќе ги принудиме напаѓачите да ја запрат агресијата. Слава на Украина, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.