Шест жртви и сомнежи за врски со институциите

Случајот „Петрохан“ и понатаму предизвикува силен јавен интерес и бурни реакции во Бугарија и во регионот. Шест лица, меѓу кои и 15-годишно момче, ги загубија животите под неразјаснети околности. Жртвите биле поврзани со организација што се претставувала како заштитник на шумите, а според наводите функционирала како будистичка секта во која членувале и малолетници.

Во јавноста се отвори прашањето дали полицијата прикрива одредени информации, особено поради блиските контакти меѓу членовите на групата и државните органи. Според достапните податоци, во 2025 година организацијата имала заеднички тактички вежби со полицијата од Монтана и користела беспилотни летала, додека дел од членовите биле регрутирани преку Агенцијата за национална безбедност.

Политички реакции и барања за декласификација

Пратеникот од „Да, Бугарија“, Ивајло Мирчев, во дебата во бугарскиот парламент посочи дека жртвите кои подоцна загинале тесно соработувале со државните органи, нагласувајќи дека јавноста сè уште нема јасни одговори.

Копретседателот на парламентот, Божидар Божанов, оцени дека постојат причини поради кои дел од материјалите се задржани и побара целосна декласификација, со образложение дека јавниот интерес е над сè. Тој наведе дека уште од 2022 година постоела пријава за организацијата, но без конкретна интервенција.

Јавното обвинителство достави дел од истражните материјали до парламентот, при што беше нагласено дека одредени информации за сведоците не смеат да се објават поради заштита на нивниот авторитет и достоинство. Сепак, по иницијатива на пратениците, дел од материјалите беа објавени поради високиот јавен интерес.

Две локации, истрага и отворени прашања

Телата на шестемина беа пронајдени во две одделни интервенции. Во Петрохан, при пожар во куќа, беа откриени три тела на мажи со прострелни рани. Неколку дена подоцна, во Околчица, покрај камп-приколка, беа пронајдени уште три тела, меѓу кои и водачот на организацијата и сопственикот на куќата. Истражителите информираа дека станува збор за комбинација од убиство и самоубиство, а проверката на комуникациите на водачот открила порака до неговата мајка со навестување за самоубиство.

Случајот отвори сериозни дилеми за тоа како организација што се занимавала со заштита на шумите воспоставила соработка со полицијата и безбедносните агенции, како и како успеала да врбува малолетници. Контроверзната поврзаност со институциите ја продлабочи недовербата и ја зголеми потребата од целосна транспарентност.

Сè додека не се разјаснат сите околности, случајот „Петрохан“ останува еден од најмистериозните настани во последните години, со неизвесност околу натамошниот тек на истрагата.

Извор: Плусинфо