Се намалува бројот на хоспитализирани пациенти од „дискотеката на смртта“, дел од нив пуштени на домашно лекување
Се подобрува состојбата на повредените од „дискотеката на смртта“. Во Скопје моментално се лекуваат 54 пациенти, откако вчера 10 лица беа пуштени на домашно лекување. Според последните информации:
27 пациенти се хоспитализирани во Клинички центар,
11 пациенти се во ГОБ „8 Септември“,
10 пациенти се во Градската општа болница,
6 пациенти се згрижени во приватни клиники.
Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека сите што се во домашно лекување се во релативно добра состојба и најави дека во следните денови ќе има нови исписи, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Состојбата со пациентите во странство
Во странските клиники моментално се лекуваат 115 пациенти. Според министерот, пет од нив ќе бидат вратени во земјава на домашно лекување, а дел можеби ќе се вратат со комерцијални летови.
Дополнително, шест нови пациенти кои досега не биле пријавени во болниците, вчера побарале медицинска помош и се хоспитализирани.
Таравари потсети дека првичната информација беше дека околу 20 пациенти биле во критична состојба, но сега бројката е намалена на шест.
„Да се надеваме дека оваа бројка нема да се зголеми и дека нема да дојде до компликации,“ изјави министерот.