Минатата година во земјава се родиле најмалку бебиња во независна Македонија. Во последната деценија бројот на бебиња се намалил за 4122, или сликовито, тоа е за околу 137 паралелки помалку. И додека државите од соседството со белата чума се борат со повеќе пари, помошта што ја добиваат родителите во земјава е незначителна, пишува радио слободна европа.
Половина бебешка количка или адаптирано млеко за месец и половина. Толку може да се купи со 5000 денари што државата еднократно ги дава за првородено дете. Парична помош даваат и некои општини, во висина од неколку илјади денари, во зависност од тоа колку е богата општината. Родителите може да користат и други пакети помош од државата, како минимална помош, детски додаток, пари за градинка и школо, но за да ги добијат тие пари треба да немаат ништо, односно да се со ниски примања или да се невработени, а не треба да имаат ниту имот на свое име.
Пет илјади денари е понижување, вели Мирослава Симоновска, која е тазе мајка. Доколку нема мајчино млеко, адаптираното млеко за бебе чини од 1100 до 1400 денари за кутија која е доволна за една недела. Најмалку 1000 денари се потребни за основна облека за бебето, со која ќе излезе од болница. По 1000 денари чинат и витамините за развој на коските на новороденчето. А потребни се и шишиња, цуцли, тропалки, релаксатори, за што новите родители треба да одвојат и по неколку илјади денари.
-Бебе е многу скап спорт. Еднократниот надоместок што го обезбедува социјалното е мизерен, колку да не е без ич, и за него се чека и треба да се доставуваат документи. Јас кога поднесував документи одев со бебе, во подрачната единица во Карпош, која е една руинирана барака. Не знам што треба да демонстрираат тие 5000 денари, дали помош од државата, бидејќи тоа е понижување, не претставува помош. Тоа е само мерка да им се затнат устите на новите мајки за да не кажат дека државата воопшто не се грижи за нив, вели Симоновска.
Мајките се жалат и на тоа што со месеци им доцнат парите за породилно отсуство. Требаат пари за пелени, храна, витамини, гардероба, лекови, а ние се молиме за нешто што ни следува, вели Ивана Рамаданова, мајка на четиримесечно бебе.
„Парите за породилното секој месец ми стигаат на различен датум. За јуни месец ми стигнаа на 5 август со изговори дека бил празник. Сметам дека овие пари кои се планирани и одвоени од Буџетот треба да се пуштаат на сите родилки во ист ден. Има мајки кои се самохрани и зависат од овие пари, а мајчинството и гледање бебе не е воопшто наивна и евтина работа“, вели Рамаданова.
Таа доцна дознала дека државата дава по 5000 денари за првородено бебе и не можела да аплицира, оти како што вели, никој ниту известува, ниту насочува како треба да се пријавиш за да ги земеш тие пари.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека Фондот не е работодавач и нема обврска да ги исплаќа парите на ист датум секој месец. Индивидуалното исплаќање зависи од тоа кога е поднесена документацијата и дали е комплетна, од усогласувањете на платите кај работодавачот и секако од обработката на податоците. Во зависност од тоа како се обработуваат податоците, така се исплаќаат парите.
-Суштинско е да се има поднесено навремена и комплетна документација. Самиот процес на проверка и обработка на податоците не е ни малку едноставен и затоа понекогаш изискува повеќе време, одговорија од ФЗОМ за радио слободна европа.
За август, кој се уште не е завршен, се исплатени 212 милиони денари, односно 3,5 милиони евра за породилно отсуство, велат од Фондот за РСЕ.
Симоновска вели дека не треба земањето помош и породилно да зависи од способноста на службеникот кај кого ќе се паднат документите, оти, како што вели, за некои мајки тоа е единствениот приход што го имаат, а тие наместо да се грижат за бебето, се грижат дали ќе им стигне породилното.
Државата за второ дете дава 20 илјади денари еднократна помош. Помош може да добијат и мајките кои ќе посвојат дете на возраст до една година. За да добијат пари од државата, еден од родителите мора да се државјанин на Македонија со постојано место на живеење во земјава, а и детето да е родено тука.
За да ги добиете парите треба да доставите документи до Центарот за социјална работа во општината во која живеете, пред бебето да наполни три месеци. Од документи потребни ви се лична карта од родителите, мајчина книшка и извод на родени за детето.
Неколку години во земјава, додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, имаше додаток за трето дете. Со измените на Законот за детска заштита кој беше донесен во 2009 година мајката добиваше 8.048 денари додаток за трето дете 10 години, а ако родеше и четврто дете тогаш помошта беше 11.267 денари во рок од 15 години. Но, со доаѓањето на СДСМ на власт оваа мерка беше укината, оти како што велеа, не дала резултат врз наталитетот.
Влатко Ѓорчев, кој е поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и предводник на кампањата за повеќедетно семејство, кој впрочем и самиот има четири деца, вели дека владата на СДСМ ги демонтираше демографските политики, не воведе нови, и сега се гледаат последиците.
-После 2017 Македонија се наоѓа во демографска катастрофа. Конкретно 2021 е најлоша демографска година во историјата на Македонија, со околу 18 илјади деца, најмалку од кога било. Бројките се навистина катастрофални, владата на СДСМ и на Ковачевски не води никаква демографска политика, вели Ѓорчев.
Тој додава дека парите што владата ги издвојува за деца и за мајки се апсолутно недоволни.
Во периодот кога важеше мерката за трето дете, годишно се раѓале по нешто повеќе од 3000 трети деца, но со укинување на мерката, бројката е во постојано опаѓање и минатата година биле родени 1800 трети деца.
Број на третородени деца
Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека државата мора да поведе сметка за популациската политика во време кога цели региони остануваат без луѓе. За него е несфатливо зошто демографската политика не е приоритет на власта.
„Ние немаме чуено дека некоја институција посебно го поставува тоа прашање и го прогласува дури и за стратешко, едно од најзначајните стратешки прашања во таа политика. Мислам дека тоа е најстратешко прашање бидејќи ако нема луѓе нема држава. Ако има малку народ којшто еве дури почнува и да се топи во бројката, тогаш се е залудно“, заклучува социологот.
Македонија се најде меѓу земјите за кои ОН прогнозира дека до крајот на векот ќе изгубат 40 до 50 отсто од своето население. Во извештајот на Обединетите нации за 2022 година, „Перспективи на светското население“, објавен на 25 август, се наведува дека Босна и Херцеговина го зазема првото место на листата на земји со најмногу намален број на жители во светот. Меѓу првите десет земји се најдоа и Србија и Хрватска. Судбината на Македонија, според ОН ги очекува и Косово, Полска, Ерменија, Летонија и Литванија.
Во Косово помош за невработените мајки
Косовскиот премиер Албин Курти пред речиси една година ги промовираше мерките за новороденчиња и за детски додаток. Родилките кои во изминатите 12 месеци биле невработени, шест месеци ќе добиваат по 170 евра од државата, а тие кои се вработени, покрај породилното отсуство, три месеци ќе може да добиваат по 170 евра од државата. За сите деца родени во 2020 и подоцна следува по 20 евра месечно додека не наполнат две години, а потоа, додека наполнат 16 години, додатокот е 10 евра месечно.
Србија дава по 2550 евра за прво бебе
Од годинава како дел од новите демографски мерки Србија дава по 2550 евра за првородено дете. Претходно помошта за прво бебе беше 850 евра.
Оние кои ќе добијат второ дете од државата ги следува еднократна помош од 850 евра и по 5000 денари месечно во следните две години.
За трето дете освен еднократната помош од 850 евра, мајката две години ќе добива по 100 евра.
Родителскиот додаток за четврто дете изнесува по 150 евра месечно за период од 10 години.
Во Србија има помош и за рурални мајки.
Во Албанија бебешки бонус без бирократија
Албанија дава помош за новороденче на своите државјани, без разлика дали децата се родени во државата или во странство.
Родителите бебешкиот бонус може да го подигнат во породилиштето, без притоа да чекаат на шалтери и да се занимаваа со бирократија.
Албанската влада за прво дете дава 20 илјади денари, за второ – 40 илјади денари, а за трето 60 илјада денари еднократна помош. Ако се близнаци ќе добијат по 40 илјади денари од дете, ако се тројка по 60 илјади од дете.
Во Грција не смеат да се бркаат мајки од работа
Од 2020 Грција воведе неколку мерки за стопирање на ниската стапка на наталитет. Новите родители добиваат по 2000 евра за бебе, мајките две години по породувањето не смеат да се бркаат од работа, има мерки за мајки студентки, а родителите чии деца нема да успеат да се запишат во државна градинка 10 месеци ќе добиваат по 180 евра месечно.