Како ќе функционираат камерите во Бугарија?
Од 5 септември, во Бугарија официјално стартува нов систем за контрола на сообраќајот преку мерење на просечната брзина. За разлика од класичните радари, кои регистрираат моментална брзина, овие камери пресметуваат колку време ви е потребно да поминете одредена делница долга 20 или 30 километри. Времето на влез и излез од делницата се снима преку постојните патарински камери, а доколку просечната брзина е над дозволената, системот автоматски испраќа СМС со казната и упатства за плаќање.
Казни и ограничувања
За надминување на брзината до 20 километри на час повеќе од дозволеното, казните почнуваат од 25 евра. Доколку возите над 50 километри на час повеќе, глобата може да достигне 300 евра и повеќе. За прекршувања поголеми од 40 километри на час, казната изнесува 600 лева (околу 300 евра) и одземање на возачка дозвола на два месеци, додека за повторено прекршување санкцијата се зголемува на најмалку 1.200 лева (околу 615 евра) и забрана за возење три месеци.
Дополнителни ограничувања
Во урбани средини, особено во станбени области и во близина на училишта и градинки, Бугарија воведе зони со ограничување на брзината на 20 и 30 километри на час. Властите апелираат до возачите строго да се придржуваат кон пропишаните правила бидејќи прекршувањата може да донесат значително повисоки казни.
Во Македонија пак, системот Сејф сити ќе започне да се применува од први јануари 2026 година. Претходно ќе има пробен период.
Извор: Вечер