Само во последните шест години, период 2016/2021 година, 53.000 млади ја напуштиле Албанија, а главната причина што ги принудува да ја изберат емиграцијата се економските услови.
Статистката потврдува дека само минатата година земјата ја напуштиле 15.524 млади на возраст од 20 до 24 години.
-Од 2014 година произлегува дека единствената година кога Албанија забележала зголемување на бројот на млади луѓе кои избрале да останат во својата земја е 2015 година. Ова е најоптимистичниот период за земјата, бидејќи оваа возрасна група е зголемена за околу 40 илјади лица, пренесува Ора њуз.
Но, констатира телевизијата, после тоа статистиката е драматична. Почнувајќи од 2016 година па се до лани заминале вкупно 53.515 млади луѓе. Само во 2020, годината на рестрикции поради Ковид-19, земјата ја напуштиле 7.600 млади.
-Поради заминувањето на младите просечната возраст на населението е во постојан раст. Ако во 2015 година таа изнесувала 35 години денес таа е 38,2 години. Масовното заминување на највиталниот дел од општеството може да има сериозни последици за економијата поради губењето на човечкиот капитал, заклучува Ора њуз.