Владата работи на создавање услови за сериозна инвестиција на Попова Шапка со цел овој ски-центар да прерасне во еден од најубавите туристички центри во овој дел од Европа, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во изјава за ТВ21, Мицкоски посочи дека зад интересот стојат, како што рече, „многу сериозни инвеститори“, нагласувајќи дека процесите не секогаш се одвиваат со посакуваната динамика, но дека останува оптимист за исходот.
– Станува збор за многу сериозни инвеститори. Работите не секогаш се случуваат толку брзо колку што би сакале, но оптимист сум дека ќе успееме во крајната цел – Попова Шапка да биде најубавиот туристички центар во овој дел од Европа – рече Мицкоски за ТВ21.
Премиерот ја нагласи стратешката позиција на Попова Шапка, издвојувајќи ја близината до меѓународен аеродром, од каде, како што рече, туристите можат да стигнат до ски-патеките за околу 45 минути. Тој додаде дека центарот располага и со природен снег неколку месеци во текот на годината.
– Потенцијалот е огромен, но потребен е јасен и прецизен план пред да се влезе во финален договор – рече Мицкоски.
Тој информираше и дека се разгледува можноста за изградба на нова жичарница, при што појасни дека таа нема да се гради по трасата на старата жичара од Тетово.
– Се разгледува нова локација, но за деталите ќе зборуваме кога ќе дојде време – рече Мицкоски.
Телевизијата дознава дека инвеститорот за кој говори премиерот Мицкоски, а кој претходно го спомена и градоначалникот на Тетово, Билал Касами, е од Катар.
Во изминатите години, речиси секоја влада најавуваше носење инвеститор за развој на Попова Шапка. Последната таква најава дојде од претходната влада, која преговараше со италијанската компанија „Техно Алпин“, што презентираше план за развој на скијачкиот центар вреден 168 милиони евра, но инвестицијата не беше реализирана.
