Две скопјанки се уапсени во Црна Гора под сомнение дека од златарница во Игало украле четири златни ланчиња, откако, според полицијата, го одвлекле вниманието на вработената додека им покажувала накит.
Црногорската полиција информираше дека станува збор за Ж.Ц.Т. (55) и А.Р. (33), државјанки на Македонија, против кои ќе биде поведена постапка за кривично дело кражба.
Според истрагата, двете жени на 15 јули околу 13:30 часот влегле во златарницата во Игало и се претставиле како заинтересирани купувачки. Од вработената побарале да им покаже повеќе парчиња златен накит.
Додека таа им ги презентирала производите, осомничените, како што наведуваат истражителите, го искористиле моментот на невнимание и од шанкот незабележано зеле четири златни ланчиња, кои ги сокриле во своите чанти.
„Службениците од Одделението за безбедност Херцег Нови ги лишија од слобода Ж.Ц.Т. (55) и А.Р. (33) од Скопје, државјанки на Македонија, поради сомнение дека го сториле кривичното дело кражба“, соопшти црногорската полиција.
При полициската акција украдениот накит бил пронајден, а потоа вратен на сопственичката на златарницата.
Против двете осомничени ќе биде поднесена кривична пријава и ќе се постапува согласно законите на Црна Гора.
