Пријавен случај на измама преку телефонски повик
Во Штип повторно е пријавен случај на измама врз возрасно лице. На 7 јануари 2026 година околу 16:30 часот, 77-годишна жена пријавила дека била измамена од лице кое се претставило како лекар, информираат од СВР-Штип.
„Претходно во текот на денот лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ја известило дека нејзината сестра била хоспитализирана поради скршеница на нога и дека е потребна операција со вградување на шипки“, стои во соопштението на МВР.
Измамникот побарал 700.000 денари, кои жената ги предала на договорените локации во неколку наврати. Подоцна, кога нејзината внука заедно со неа контактирала со сестрата, тие сфатиле дека станува збор за измама.
„Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот“, додаваат од Министерството за внатрешни работи.
