Се прошируваат и реорганизираат болничките капацитети во државава за третман на пациентите хоспитализирани поради КОВИД-19 и се поголемиот број заразени со вирусот, кој во изминатите денови изнесува над 2000. Истовремено, со одлука на Владата, пак, од синоќа е намален периодот на изолација или карантин поради КОВИД-19 за асимптоматските случаи и з алицата кои биле во контакт со заразен.

Клиниките за кожни болести и за неврологија наредните денови повторно треба да почнат да работат како ковид центри, а во ГОБ „8 Септември“ да се отвори дополнителен ковид оддел, препорача Комисијата за заразни болести на вчерашната седница на која беше разгледувана најновата епидемиолошка состојба во државава.

Истовремено, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација, да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на КОВИД пациентите. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).

Со одлука на Владата на лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест, односно се асимптоматски случаи на КОВИД-19 им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метра, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање), наведе владината прес-служба.

За лицата кои се лабораториски потврдени на КОВИД-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, треба да им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.

Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на КОВИД-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.

Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин, според владината одлука, има за оние лица кои исполнуваат еден од критериумите: вакцинирани со Ковид-19 вакцина со две или три дози, а од последната доза да не поминале повеќе од шест месеци; прележани со Ковид-19, а позитивниот тест да не е постар од шест месеци; лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај. Датумот на последниот контакт со потврдениот случај се смета за нулти ден.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите хоспитализирани се вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата. Вчера од направени 6119 тестови беа регистрирани уште 2019 заразени, од кои 254 реинфекции, а бројот на активни КОВИД случаи во државава изнесува 21 883.

Вчера беа пријавени и нови 19 починати поради компликации од вирусот, како и 973 оздравени пациенти. Од 254-те реинфекции две се втора реинфекции. Повеќе од половината од активните случаи во државава, 11 802, се во Скопје, по што следи Битола со 1691, Куманово, Кавадарци и Прилеп со по околу 700, Охрид 635, Тетово 548. Најмалку активни случаи, 16, има во Дојран.

Бројот на новозаболени не стивнува и во Србија, каде вчера се евидентирани 19063 заразени лица, како и 37 починати, што претставува речиси ист рекорден број на заболени како и завчера кога беа евидентирани 19.901 случај. Во српските болниците се хоспитализирани 3 206 ковид пацинти од кои 138 се на респиратор.

Епидемиологот Зоран Радовановиќ за Н1 изјави дека реалната бројка на новозаболени е многу поголема од бројките што ги најавуваат надлежните, како и дека големите редици пред ковид амбуалнтите и неколкучасовното чекање на пациентите покажуваат дека здравствениот систем е во „колапс“.

Рекордни бројки на заразени со Ковид-19 вчера беа регистрирани и во Романија, Хрватска, Словенија, Бугарија,…